Нов трговски центар во Тетово ќе отвори околу 250 работни места
Објектот е со површина од 19.000 квадратни метри. За почеток, ќе се вработат околу 250 луѓе...

Тетово за неполн месец ќе добие нов трговски центар. Инвестицијата е вредна 40 милиони евра и досега најголема во западна Македонија. Објектот е со површина од 19.000 квадратни метри. За почеток, ќе се вработат околу 250 луѓе.
„Очекуваме за многу кратко време да стане едно од новите обележја на градот Тетово, кој покрај својата архитектонска вредност ќе нуди широк спектар на содржини за граѓаните од Тетово и околината“, изјави Шефки Идризи, сопственик на трговскиот центар.
Речиси 85 проценти од трговскиот центар ќе биде изнајмен од реномирани и познати брендови. Карфур, Фјори, МатСтар се само дел од нив.
„Овозможивме содржини и брендови прилагодени на куповната моќ на популацијата која живее во овој регион“, вели Влатко Поповски, менаџер на компанија.
„Во Тетово ова е прва наша продавница преку која на тетовчани ќе им го понудиме нашиот асортиман на обувки“, истакна Маја Христова Димитровска, менаџер на компанија.
Последните неколку години има бум во изградбата на трговски центри кои покрај деловниот имаат и резиденцијален дел.
Дијана Ценевска
