Охрид: За целосна санација на колекторот се потребни 15 милиони евра
По извршената делумна санација на цевководот и препумните станици колекторскиот систем задоволително ја извршува својата функција. Има дефекти кои иако се отстрануваат во најкус рок сепак предизвикуваат загадување на езерото со отпадни води. повеќе од една деценија се зборува дека е потребна негова целосна рехабилитација, но и доизградба за Охридското езеро да биде целосно заштитено...

Иако од 2019-тата заклучно со годинава за рехабилитација на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро владата вложи околу 5 милиони евра, за негова целосна санација се потребни уште 15 милиони евра. Системот цевка во цевка со кој веќе се рехабилитирани одредени делови од колекторот се покажа како успешен и треба да се примени долж цевководот каде што има поголеми нарушувања за тој да функционира беспрекорно.
„Грашница како еден од досегашните децениски проблеми којшто и сега со поставување на автоматика од наша страна веќе можам со сигурност да кажам дека не постои, а анализите коишто самиот Институтот за јавно здравје ги има дадено водата во тој дел е веќе од прва класа“, изјави Владимир Алексијоски-директор на ЈП „Колекторски систем“.
Од ЈП „Колекторски систем“ велат дека во досегашниот дел од летото имало само два дефекти на пумпите при што се излеале отпадни води во езерото, но дека тие биле отстранети за само половина час. Од таму не се сложуваат со извештајот на Институтот за јавно здравје дека колекторскиот систем е загадувач.
„Доказ беше невремето коешто беше овде. Успеавме сета таа атмосферска вода, без разлика што функцијата на колекторскиот систем не е да собира атмосферска вода, успеавме да ја собереме, истата беше однесена до пречистителната станица, преработена и испуштена во реципиент, односно не дозволивме Охрид и Струга да потонат во фекалии“, изјави Владимир Алексијоски-директор на ЈП „Колекторски систем“.
Иако колекторскиот систем во најголем дел го заштитува езерото од македонска страна, надлежните треба повеќе внимание да обрнат на незаштитениот дел од езерото каде што има бројни објекти кои поставиле прочистителни станици од кои дел не функционираат и се големи загадувачи.
Сашо Нелоски
