Руски проектил погоди стамбен објект во Днепар
Москва е подготвена за дипломатско решение за кризата, но Киев одбива преговори, обвини Путин на средбите со африканските лидери на форумот во Санкт Петербург. На фронтот во Украина, не запираат руските напади. Погоден станбен блок, повредени се деца. И властите на руската област Белгород тврдат дека од украинска ракета се ранети цивили...

Руски проектили погодија станбен блок и зграда на украинската служба за безбедност во центарот на Днепар. Според украинските власти, има повредени меѓу кои и деца. Од друга страна, Москва го обвини Киев дека истрелал два проектила што го погодиле пограничниот регион Ростов во јужна Русија. Локалните власти известија за повредени.
„Бев во автомобил кога ги слушнав двете силни експлозии“, изјави жител на Днепар.
„Веднаш по првата експлозија, мозокот ми се исклучи и веројатно почнав да се подготвувам да одам во засолништето“, изјави жител на Днепар.
„Спасувачката операција е веќе завршена. Сигурен сум дека ќе биде потребен уште еден ден да се отстрани шутот. Неколку ката се веќе уништени. Не ја знаме точната штета сè додека работат експертите“, изјави Сергиј Лисак-Раководител на канцеларијата на Днепропетровсата област.
Москва е подготвена за дипломатско решение за кризата во Украина, но Киев и поддржувачите во САД и НАТО одбиваат разговори, обвини рускиот претседател за време на средбите со африканските лидери … Според Путин, Декларацијата за независност по распадот на Советскиот Сојуз овозможила Украина да стане неутрална држава, а Русија не ги разбира напорите на Западот да го вовлече Киев во НАТО.
„Врз основа на Декларацијата за независност, црно на бело беше напишано дека Украина е неутрална држава, а за нас тоа е од суштинско значење. Зошто Западот почна да ја вовлекува Украина во НАТО? Не ни е многу јасно“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.
Вашингтон пак одново ја потенцираше загриженоста дека поединци од Пекинг обезбедуваат технологија која може да се користи од страна на Москва како оружје.
„Кина постојано не уверуваше, дека не обезбедува материјална смртоносна помош за Русија за употреба во Украина. Ние ги сфаќаме тие гаранции многу сериозно. Имаме загриженост за поединечни субјекти кои обезбедуваат технологија, што може да се користи, меѓу другото, за беспилотни летала и други видови оружје во Украина. Тоа е загриженост што ја споделивме со Пекинг и бараме од нив да направат сè што можат за да се осигурат дека тоа нема да се случи“, изјави Ентони Блинкен-Државен секретар на САД.
Киев тврди дека украинските војници постепено напредуваат во правец на Бахмут. Шефот на Главната разузнавачка управа при Министерството за одбрана на Украина уверува дека украинските сили наскоро ќе влезат и во окупираниот Крим.
Маријана Димовска
