Партии

Ставови на власта и опозицијата за уставните измени

29.07.2023 15:26

Мицкоски продолжува со политиките на штета на државните и националните интереси-велат од СДСМ. Од партијата додаваат дека македонската агенда е европска и дека со уставните измени не задираат во ниту едно идентитетско прашање. Според ВМРО-ДПМНЕ, досега никоја не ја видел предложената декларација од СДСМ за Илинден. Од партијата велат-прво да ја погледнат па ќе одлучат. Ако нема ништо спорно нема причина зошто не би била поддржана...

Мицкоски продолжува со штетните политики врз државните и националните интереси. Македонската агенда е европска, а европската агенда е и македонска, велат од СДСМ. Според партијата, во 32 години независност, Мицкоски е единствениот политичар кој упорно тврди дека европската агенда не е иста со македонската агенда што за социјалдемократите е показател дека тој има некаков друг план во однос на интеграцијата на државата.

Ковачевски уставните измени ги турка на сила и покрај тоа што над 80 проценти од македонските граѓани се против отворање на Уставот под бугарски диктат, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ. Двотретинско мнозинство немаат. Ги повикуваме да си ги скратат маките и да ги стават предлог измените на гласање. Тука нека заврши нивната агонија, а потоа на избори граѓаните нека одлучат чиј концепт ќе го поддржат, стои во реакцијата. Опозициската партија прво ќе ја анализира декларацијата за Илинден и доколку нема штети по националните интереси, ќе ја поддржат.

Пленарката за иницијативата за уставни измени е на 18 август, но е неизвесно кога ќе биде гласањето. Премиерот вели-нема рок-може да се гласа и по 30 ноември. Ваквата можност-прво двотретинско мнозинство па гласање ја најави и собранискиот спикер Џафери. За опозицијата ова е кршење на процедурата и деловникот.

 

Игор Панов