Руско-Украински конфликт

Путин најави руска офанзива во Украина

30.07.2023 12:02

Москва Сити-финансиската и деловна област на руската престолнина, нападната со украински беспилотни летала „камикази“. Освен оштетувања на деловни згради, жртви нема. Аеродромите функционираат нормално-велат властите. Путин најави руска офанзива во Украина. Тврди дека украинската војска на фронтот трпи големи загуби...

Руската армија подготвува офанзива против Украина, најави претседателот Путин. Според него, украинските вооружени сили не успеале во обидите за контраофанзива во ниту еден дел од Запорожје, каде борбите се интензивираа во последните денови. Москва не сака конфликт со Западот, но е подготвена за секое сценарио, рече шефот на Кремљ по долгиот брифинг со новинарите во Санкт Петербург. За Африканската мировна иницијатива за решавање на конфликтот меѓу Москва и Киев вели дека може да послужи како основа заедно со други иницијативи со иста цел.

„Генерално, иницијативата според мене, може да биде основа на некои процеси насочени кон потрагата по мир, исто како и другите, како на пример, кинеската иницијатива. На фронтот нема големи промени и тоа се должи на фактот што непријателот ги повлече своите единици. Тие претрпеа големи загуби, и во работна сила и во опрема. Очигледно, тие ја негуваат опремата, се плашат да не ја изгубат. И напаѓаат пешки. Ги изложуваат луѓето на ударите на нашата артилерија, тенкови и слично“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

Во меѓувреме, нов напад со украински беспилотни летала врз деловен центар во Москва. Накратко беше затворен еден од четирите аеродроми во руската престолнина, нема жртви. Руските власти ја обвинија Украина и за напад со 25 дронови на Крим.

„Моите пријатели и јас изнајмивме стан овде. Слушнавме експлозија. Имаше многу чад“, рече Леја.

„Беше околу 3 часот по полноќ. Експлозијата беше навистина силна“, рече Никита.

„Слушнавме експлозија. Излеговме да видиме што се случило. Момците видоа нешто бело и големо како лета во близина“, рече Игор.

Украинската национална полиција потврди дека во серија гранатирања врз регионот Суми и Запорожје има жртви и повредени.

„Руските терористи со проектил погодија образовен објект во Суми. За жал, има жртви“, изјави Марина Полосина, портпарол на националната полиција, регион Суми.

Претходно, украинскиот претседател се закани дека руските окупатори ќе сносат одговорност за гранатирањето на Днепар.

„За секој таков удар, за сиот руски терор, непријателот сигурно ќе ја почувствува силата на правдата. Ништо нема да заборавиме или простиме. Секоја загуба на Русија нека биде одмазда за нејзиното зло. Украинците нека знаат – додека сè уште се живи – дека правдата победува. Украина ќе победи“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Во меѓувреме расте загриженоста дека борците на руската приватна воена компанија „Вагнер“ кои се наоѓаат во Белорусија би можеле да се претставуваат како мигранти и да влезат во Европската унија.

 

 

Маријана Димовска