ЦУК

Спасен Романец во Гевгелија со примен повик на 112 во Грција

30.07.2023 12:45

Романски државјанин бил спасен преку бројот 112, во соработка на македонските и грчките служби..

Романски државјанин бил спасен преку бројот 112, во соработка на македонските и грчките служби. Тој имал проблеми со срцето, а престојувал во Гевгелија. Од Центарот за управување со кризи велат дека повикот е примен доцна синоќа и дека најверојатно поради близината на границата, првично повикот е примен на базна станица во Грција, по што нивната служба остварила контакт со македонската служба и по лоцирањето на романскиот државјанин и интервенцијата на итната медицинска помош од Гевгелија, тој е спасен.

Овој случај на меѓугранична соработка на двете држави за спасување на граѓанин од трета држава ја отсликува можноста за спасување животи на граѓани од која било европска земја ако тие се наоѓаат во земја којашто е во системот на европскиот единствен број за итни случаи 112, вели директорот на ЦУК, Ангелов.

Паметен телефон вчера спаси и возач кој се превртел со автомобилот. Откако неговиот телефон детектирал удар кај селото Чалошево близу Велес, самиот испратил порака на 112, заедно со координати. Лицето било извлечено од возилото и со итна медицинска помош било префрлено во болницата во Велес, но, поради сериозноста на повредите, било однесено на хируршките клиники во Скопје.