Успешно издание на фестивалот „Вкусете го Охрид-локално“
Охриѓани и бројните туристи синоќа на малиот плоштад кај Долна порта уживаа во вкусовите на традиционалната македонска храна и пијалоци. Во рамките на второто издание на фестивалот за храна „Вкусете го Охрид-локално“ гостите имаа можност да дегустираат само дел од богатата македонска кујна со што се збогатува туристичката понуда на Охрид, но и другите македонски градови...

Ѓомлезе, различни видови пити, сирење, мед, вино и други производи беа само дел од традиционалните специјалитети изработени од локални производи што вчеравечер им беа понудени на љубителите на храна од земјава и странство во рамките на Фестивалот „Вкусете го Охрид-локално“. Посебно внимание кај сладокусците предизвика храната подготвена по стари рецептури.
„Целта ни беше да направиме една манифестација на малку поелитно ниво, односно да додадеме додадена вредност на она што е наше локално. Затоа што секогаш викаме дека ние си го имаме локалното, меѓутоа начинот на презентација да биде малку пософистициран“, изјави проф. д-р Ангела Паскуале, претседател на „Слоу фуд“ Охрид.
„Секој странец кој што ќе дојде во нашата земја сака да го проба локалното и традиционалното и нормално им е интересно. Најинтересни можам јас за себе да зборувам им се часовите по готвење затоа што на истите освен што ја презентираме македонската кујна, ние и ги учиме како тоа да го практикуваат“, изјави Наташа Неданоска, производител на автентична храна од Охрид.
Домашните и уште повеќе странските туристи се воодушевени од вкусовите на македонската храна и пијалаци.
„Знам да пржам пиперки. Храната тука е многу вкусна, многу ја сакам македонската храна“, рече туристка од Полска.
„Вратен сум сега од Англија, ми е мерак да останам овде. Во Прилеп тутун берев, рацете ми беа испукани ама денеска овде кај што јадам, евтина работа сето е.“
„На фестивалот учество зедоа производители на традиционална храна и од други македонски градови.“
„Јас сум од Тетово, од Шар Планина, имаме производи од тартуфи, значи околу 14-15, имаме маслиново масло, ракија, свеж тартуф, тартуфата, путер со тартуф“, изјави Саша Стојчески, производител на храна од македонски тартуфи.
„Произведуваме традиционална македонска ракија, ја произведуваме од вино, тоа е оваа ракија овде и произведуваме нешто специфично за овој пазар, ракија со лаванда и ликер со кафе“, изјави Јулијана Динова, производител на домашна ракија.
Промоцијата на нашата држава преку храната има огромно значење, бидејќи најголемиот број од странските туристи покрај во богатото културно-историско наследство и природните убавини уживаат во традиционалната храна и пијалаци.
Сашо Нелоски
