Зачестија пожарите на отворено
Повторно е активен пожарот кај Неготино, со оган е зафатена борова шума – информираат од Центарот за управување со кризи. Во изминатото деноноќие, 17 пожари на отворено. Дејствуваа авион на Дирекцијата за заштита и спасување и два хеликоптери на Единицата за посебни намени во МВР. Директорот Ангелов, вели дека граѓаните се совесни, но има и такви кои свесно предизвикуваат пожари. Ја потенцира и функционалноста на единствениот број за итни ситуации 112.

Брзата интервенција на пожарникарските екипи, авионот на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптерската единица на МВР резултираше со гасење на пожарите во реонот на Демир Капија и кај Неготино, вели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов. Пожарите на отворено зачестија изминатиов период, главно гори нискостеблеста шума, стрништа и борова шума.
„Многу посветуваме внимание на таа брза интервенција и јас сум задоволен и благодарен до македонските пожарникари на целата територија коишто благовремено реагираат и ги гасат во првата фаза. За жал вчера имаше два специфични пожари, едниот во борова шума и еден на непристапен терен“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Надлежните постојано апелираат да не се фрлаат догорчиња од цигари, да не се пали оган на отворено и да се внимава при употреба на алати што фрлаат искри. Доколку некој забележи чад, пламен или оган, веднаш да се јави на единствениот број за итни ситуации 112, вели Ангелов. Токму овој број се покажа исклучително функционален во три случаи од претходното деноноќие. Доцна синоќа е спасен романски државјанин со опасни срцеви проблеми, а интервенирано е и при сообраќајни незгоди.
„При сообраќајна несреќа возачот веројатно не бил во можност да повика помош, но имал модерен телефон кој го детектирал ударот и самиот повикал 112“, изјави Стојанче Ангелов.
Бројот 112 за итни случаи е функционален во која било земја во Европа.
Тања Сарандеска
