Почина 27 годишна штипјанка од Конго-кримска хеморагична треска, ја каснал крлеж
27 годишна жена од штипското село Кучица починала по каснување од крлеж. Пациентката била хоспитализирана во штипската болница, а потоа и на инфективната клиника во Скопје. Болеста по извршените анализи ја детектирале епидемиолозите од Институтот за јавно здравје од Скопје...

27 годишна жена од штипското село Кучица починала по каснување од крлеж. Инсектот кој бил изваден од кожата во домашни услови и пренел на жената конго-кримска хеморагична треска која се развила неколку дена подоцна. Пациентката била хоспитализирана во штипската болница, а потоа и на инфективната клиника во Скопје. Болеста по извршените анализи ја детектирале епидемиолозите од Институтот за јавно здравје од Скопје, но и од Штип. Со оглед на тоа што се пренесува и преку крв од заразеното лице, направени се претраги на сите контакти во семејството на починатата жена, но и во болниците каде била згрижена.
„Од контактите со висок ризик беа земени четири материјали за тестирање – сите негативни. Сите контакти од среден и висок ризик се ставени под здравствен надзор во наредните 14 дена“, информираат од Институтот за јавно здравје.
Конго-кримската хеморагична треска е болест која се пренесува преку крлежи, а смртноста достигнува и до 40 проценти. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв и телесни течности на заболените лица.
Миле Ристески
