Политика

Министрите од ДУИ поднесоа оставки, ќе станат ефективни кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени

30.07.2023 16:49

Министрите од ДУИ поднесоа оставки, ќе станат ефективни кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени – Ахмети упати јавно писмо до Ковачевски. За опозициската партија единствен излез се предвремените парламентарни избори. Според СДСМ Мицкоски е единствениот политичар кој упорно тврди дека европската агенда не е иста со македонската...

Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција, поднесоа оставки од функциите кои во моментов ги извршуваат, се вели во писмото на министрите и функционерите на ДУИ до премиерот Ковачевски, кое го објави лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во писмото се наведува дека земјата е во критична фаза од европската иднина, а големите одлуки бараат политичка, национална и државна одговорност и жртви, со оглед на барањето на опозицијата дека би гласале за уставните измени доколку Демократската унија за интеграција излезе од Владата,

Како што соопштија од ДУИ, претседателот на партијата Ахмети рекол дека оваа одлука стапува на сила од денот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени.

„Министрите и владините функционери од редовите на Демократската Унија за Интеграција поднесуваат оставки од функциите што во моментов ги извршуваат! Оставките, Премиере, се материјализираат автоматски во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставни измени“, се вели во писмото на лидерот на ДУИ Ахмети.

ВМРО-ДПМНЕ ја почитува волјата на граѓаните кои што во анкетите со над 80 насто се определуваат дека се против уставните измени. Ние сме на браникот на националните интереси, додека власта со одложувањето на чинот на гласањето се повеќе ја губи поддршката. Единствен излез се предвремените парламентарни избори, посочуваат од партијата.

СДСМ во соопштението го повтори својот став – Мицкоски е единствениот политичар кој упорно тврди дека европската агенда не е иста со македонската агенда што значи дека тој има некаков друг план во однос на интеграцијата на државата.

„Предложените уставни измени не задираат во ниту едно идентитетско прашање, туку се работи за техничка измена на Уставот со која покрај постојните делови од народи кои се вклучени во Преамбулата се додаваат и делови од други народи и истовремено се задржува примарната уставотворност на македонскиот народ“, велат од владејачката партија.

Во Парламентот за 18-ти август е закажана собраниската седница на која ќе се разгледува предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот, откако тој помина во Комисијата за уставни прашања. Дебатата во Законодавниот дом може да трае до 10 работни дена. За изгласување на потребата од промена на Уставот во првата фаза се потребни најмалку 80 гласови.

 

 

 

Игор Панов