Уставни измени

ВМРО-ДПМНЕ: Оставките на ДУИ да бидат неотповикливи и да одиме на брзи избори

30.07.2023 18:05

Министрите од Демократската унија за интеграција поднесоа оставки, ќе станат ефективни кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени – Ахмети упати јавно писмо до Ковачевски. СДСМ со став – сите услови на Мицкоски се исполнети, одговорноста сега е кај него. Оставки на ДУИ да станат неотповикливи и да одиме на брзи избори, велат од опозициската партија...

Министрите од ДУИ поднесоа оставки од Владата, ќе се активираат откако опозицијата ќе гласа за уставните измени. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го извести премиерот Димитар Ковачевски дека сите членови на Владата од неговата партија депонираат оставки од своите функции. Одлуката Ахмети ја образложи со условот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поддржи уставни измени доколку има влада без ДУИ и додаде дека тоа е неопходно во моментов бидејќи државата се наоѓа во критична фаза од процесот и затоа преземаат одговорност и одговорни чекори.

„Ние министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција, поднесуваме оставки од функциите што во моментов ги извршуваме! Оставките, г-дине Премиере, автоматски ќе стапат во сила во моментот кога опозицијата ќе ги изгласа уставните измени“, стои во писмото на Ахмети.

Се огласија и од СДСМ – велат дека сите услови на опозицијата се исполнети и дека сега од нив зависи дали ќе продолжи процесот на евроинтеграции или пак изолација.

„На потег е Христијан Мицкоски да покаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или само фотелјата во Белата палата“, велат од СДСМ.

„Добро е што ДУИ по 20 години власт е подготвена да замине во опозиција од каде ќе може да одговараат за криминалот и да ја докажуваат својата невиност“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека откако во ДУИ си поднесоа оставки, сега само тие да бидат неотповикливи и да одиме на брзи избори.

Излегување на ДУИ од Владата како услов го постави претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средбата со премиерот Ковачевски во Клубот на пратеници на 7-ми јуни годинава.

Уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот веќе поминаа на собраниската Комисија за уставни прашања и следниот чекор е пленарната седница за расправа за потребата за отворање на Уставот која спикерот Талат Џафери ја закажа за 18-ти август.

 

 

 

Игор Панов