Средба Лајен – Маркос во Манила
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, во посета на Филипините на покана на претседателот Фердинанд Маркос Џуниор...

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, во посета на Филипините на покана на претседателот Фердинанд Маркос Џуниор. Во фокусот на средбата-билатералните односи ЕУ – Филипини, дискусии за прашања од заеднички интерес, особено во областа на трговијата, зелената и дигиталната транзиција и безбедноста.
„Филипините и ЕУ се истомисленици партнери со заеднички вредности на демократија, одржлив и инклузивен просперитет. Ова е доказ за нашата заедничка желба да ги доведеме билатералните односи на повисоко ниво“, изјави Фердинанд Маркос Џуниор, претседател на Филипини.
„Руската агресија врз Украина ги тресе темелите на меѓународниот поредок. Безбедноста во Европа и во Индопацификот е неделива. Загрижени сме поради зголемените тензии во Индопацификот и подготвени сме да ја зајакнеме соработката со Филипините за поморската безбедност во регионот преку споделување информации, проценка и градење на капацитетите на вашиот национален центар за набљудување на крајбрежјето и крајбрежната стража“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Таа е првата претседателка на Европската комисија која некогаш била во официјална посета на Република Филипини во речиси шест децении дипломатски односи. За време на посетата Фон дер Лајен ќе зборува и на бизнис-настан на високо ниво организиран од Европската стопанска комора на Филипините во партнерство со бизнис-клубот Макати.
