Нови напади со беспилотни летала во Русија
Властите тврдат дека украински дрон погодил зграда на одделот за внатрешни работи во областа Брјанск. Нема жртви...

Нови украински напади врз руска територија. Властите тврдат дека украински дрон погодил зграда на одделот за внатрешни работи во областа Брјанск. Нема жртви. Дрон регистриран и во јужниот пограничен регион. Во пресрет на нападите со беспилотни летала, украинскиот претседател Зеленски вели дека војната постепено се враќа на руска територија.
„Постепено, војната се враќа на територијата на Русија – во нејзините симболични центри и воени бази и ова е неизбежен, природен и апсолутно фер процес. Но, мора да бидеме свесни дека, исто како и минатата година, руските терористи сè уште можат да го нападнат нашиот енергетски сектор и критичните објекти оваа зима“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Од Москва соопштија дека во текот на ноќта пресретнале повеќе од дваесет дронови на анектираниот остров Крим. Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност Медведев тврди дека руските вооружени сили спречуваат нуклеарен конфликт, но најави дека доколку украинската контраофанзива успее со поддршка на НАТО и окупираат дел од Русија, тогаш ќе бидат принудени да употребат нуклеарно оружје. Во меѓувреме, претседателот Путин ја подновува руската морнарица со 30 нови бродови.
