Фудбал – СП Бразил 2014

Сантос без дилеми, Коелјо во кавга со Роналдо

20.05.2014 16:44

Селекторите на репрезентациите што имаат поголем фонд играчи и важат за фаворити на претстојниото Светско првенство во Бразил, одредија 30-мина фудбалери кои во подготвителниот период ќе се борат да бидат на конечниот список на мундијалски патници.

Во таква ситуација не е кормиларот на Грција. Фернандо Сантос. Знаејќи со каков капаците т располага, не ги криеше картите и уште отсега ја направи конечната селекција. Олебас, Папастатопулос и Торосидис, Карагунис, Митроглу, Салпингидис, Самарас... би требало да бидат столбовите на тимот којшто потпирајќе се на одбраната пред точно една деценија направи изненадување и ја освои европската титула на собирот во Португалија. Можеби од суеверие, можеби случајно, токму со дружината на Кристијано Роналго, Грците ќе ја почнат серијата пријателски натпревари во пресрет на Светското првенство. Во редот се и Нигерија и Боливија. Идејата на Сантос е јасна, селекцијата да се прилагоди на стилот на мундијалските противници. Во групата „Це“, Грција ќе игра со Колумбија, со Брегот слонова коска и со Јапонија.

Пресече и предводникот на португалскиот национален состав Паоло Бенто. На скратениот и конечен список на фудбалери коишто ќе конкурираат за настап во Бразил, го нема Рикардо Кварезма од Порто. Отпаднаа уште шест помалку експонирани играчи, кои не можеа да го минат последниот филтер. Кристијано Роналдо, Нани, Меирелеш, Пепе, Коентрао, Бето се основата на тимот за почит.

Бразилците, пак, се чини дека имаат помалку фудбалски од економски или социолошки дилеми. Славниот писател Паоло Коелјо, кој беше член на делегацијата што ја промовираше бразилската кандидатура за организација на Мундијалот, вербално се пресмета со еден од најголемите бразилски фудбалери во историјата. „Народот е во право што протестира. Мислев дека ќе се подобри инфраструктурата, а не дека се ќе се претвори во кражба“, рече Коелјо. „Целта на Мундијалот не е да се поправи инфраструктурата“, смета Роналдо. „Тој е имбецил, подобро да молчи“, прокоментира Коелјо.