Зеленски: Војната постепено се враќа на руска територија
Нови напади со беспилотни летала на руска територија, жртви нема, тврдат властите во Москва. Тоа е апсолутно фер процес, вели украинскиот претседател Зеленски. Москва жестоко возвраќа. Гранатирани Криви Рих и Херсон и Харков. Се извлекуваат луѓе од под урнатините. Медведев се закани со нуклеарно оружје...

Нови украински напади врз руска територија. Дрон погоди зграда на одделот за внатрешни работи во областа Брјанск, жртви нема, тврдат руските власти. Сличен инцидент е регистриран и во јужниот пограничен регион. Во пресрет на нападите со беспилотни летала, украинскиот претседател Зеленски вели дека војната постепено се враќа на руска територија.
„Ова е неизбежен, природен и апсолутно фер процес. Но, мора да бидеме свесни дека, исто како и минатата година, руските терористи сè уште можат да го нападнат нашиот енергетски сектор и критичните објекти оваа зима“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Москва жестоко возвраќа. Цивилни објекти и станови, цел на руските напад, обвинуваат властите во Киев. Најмалку две жртви и десетици повредени е последниот биланс од гранатирањата во Криви Рих и Херсон. Луѓе се извлекуваат од под урнатините. Цел на напад и Харков.
„Погодени се домови и комерцијални простории, по што следуваше и пожар“, рече Дмитро Чубенко, портпарол на регионалното обвинителство во Харков.
Заменик-претседателот на рускиот совет за безбедност, Медведев, се закани дека, доколку Украина со поддршка на НАТО успее да окупира дел од Русија, тогаш ќе бидат принудени да употребат нуклеарно оружје. Во соседна Белорусија, „Вагнер“ почна со обука на белоруските војници.
„Акцентот е ставен на водење на воените дејствија и опстанок на бојното поле, имајќи ја предвид активната употреба на беспилотни летала“, вели војник на механизирана единица.
Саудиска Арабија, наскоро треба да биде домаќин на мировни преговори во кои ќе бидат вклучени западните и неколку земји во развој, но не и Русија. Путин ја обвини Украина за недостиг на примирје, додека Киев ја отфрли можноста за преговори додека Русија не се повлече од нејзината територија.
Бојана Крстевски
