Угина и третиот коњ во скопската Зоолошка градина, обдукцијата треба да ги утврди причините
Во какви услови живеат жителите на скопската Зоолошка градина. Три коњи од ретка раса донација од Австрија угинаа. Се чека обдукцијата за да се открие причината. Сомнежот е дека се отруени. Од опозициската партија ја обвинија градоначалничката Арсовска за која велат дека откако дошла на позицијата, Зоолошката се претворила во куќата на стравот...

Еден ден по угинувањето на двата коњи во скопската Зоолошка градина, од вработените е пријавено дека уште еден прежевалски коњ со потекло од Монголија угинал. Тие се донесени од Австрија како донација, станува збор за ретки и многу вредни коњи. Зошто и како пцовисале животните, од Зоолошката не кажуваат. Сомнежот е дека се отруени, но, се чекаат резултати од обдукцијата.
Побаравме став од скопската Зоолошка градина. Оттаму само кусо ни одговорија дека од Факултетот за ветеринарна медицина е направена обдукција и се чекаат официјалните резултати.
Последниот случај повторно го отвори прашањето за условите во кои живеат животните во скопската Зоолошка градина. Реагираше и еден од донаторите, кои рече дека се надевале оти на овие животни ќе им биде пружена подобра нега. Од ВМРО-ДПМНЕ коментираа дека со доаѓањето на Арсовска, Зоолошката градина се претворила во куќата на стравот. Неодамна во Зоолошката градина пцовиса жирафата Каспер од салмонела, а пред една година беа поднесени кривични пријави за масакрот на 12 коњи.
Александра Спировска
