Условени оставки за поддршка за уставните измени
Условените оставки на министрите на ДУИ ја размрдаа политичката сцена. Интегративците подготвени да се откажат и од привремена влада со премиер Албанец. СДСМ порачува дека сè што барал Мицкоски е исполнето и сега одговорноста е во негови раце. ВМРО-ДПМНЕ бара активирање на оставките и брзи предвремени избори...

По ковертираните оставки на министрите на ДУИ до премиерот Ковачевски, првиот вицепремиер Груби фрли ракавица – во интервју за косовската телевизија Т-7, тој рече дека интегративците се подготвени да се откажат и од Албанец премиер во техничката влада за спроведување на изборите, под услов опозицијата да гласа за уставните измени. „Гласање за уставните измени, па активирање на оставките“, рече Груби.
„Ако ние одиме во опозиција, при што опозицијата би ги гласала уставните измени, за што се потребни две третини во Собранието, ние сме кажале дека за иднината на нашата земја сме подготвени да се откажеме и од привремена влада и од премиер Албанец и од нашите мандати. Од сè што е политички договор на коалицијата ние се откажуваме, под услов македонската опозиција да ги гласа уставните измени“,
На потег е Мицкоски да ја искористи шансата и да одлучи, глас за ЕУ или изолација, вели коалицискиот партнер на ДУИ во власта, СДСМ. Оттаму сметаат дека со депонираните оставки се исполнети сите услови кои ги бараше ВМРО-ДПМНЕ.
Фолирање и детски игри, вака ВМРО – ДПМНЕ ги коментира оставките на министрите од ДУИ. Оттаму побараа оставките да бидат активирани и да се оди на брзи предвремени избори.
Пленарната расправата за уставните измени треба да почне на 18-ти август.
Миле Ристески
