Кривична пријава за осoмничениот за убиството во Ѓорче Петров
19 годишник од порано познат на полицијата е осомничен за убиството во скопската населба Ѓорче Петров.

Сакал да украде велосипед од дворот на сега починатиот матурант Ангел Петковски, но бил забележан и почнал да бега. Ангел и татко му го стигнале во близина на мостот кај Сарај по што крадецот со нож го пробол Ангел во градите и избегал. Момчето било пренесено во очната болница, но лекарите на итната помош констатирале смрт. Неофицијално осомничениот во полиција го признал убиството. Форензичарите на терен и денеска го бараат ножот.
„Очевидецот кој го пријавува настанот пријавува присуство на три лица, што всушност се поклопува со фактичката состојба, трите лица се жртвата, таткото и осомничениот за убиството и тоа практично се гледа од одредени снимки од видео надзорот“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Револтирани граѓани кои во убиството препознаа меѓуетнична нетрпеливост синоќа дивееја по главната и споредните улици, а беше блокиран и влезот на Скопје.
Полицијата приведе 18 лица од кој 5 мина се малолетници, ќе одговараат прекршочно, дали ќе следуваат кривични пријаве ќе одлучува обвинителството по целосно разгледаните докази.
„Излогот чини околу 6 до 7 илјади денари, стакларот е тука ќе го направи, фрижидерот е во ред, друго внатре ништо не е скршено, не е ограбено... Сторителот на делото е приведен, немаше потреба нешто вакво да се случи“, велат сопствениците на оштетените локали.
По најавите на социјалните мрежи за евентуални нови собирања Јанкулоска апелираше граѓаните да се воздржуваат од инциденти.
Анита Димитријевска
