Се трага по лице кое исчезна во езерото Глажња
Капач влегол во липковското вештачко езеро Глажња и исчезнал. Екипи на полицијата од вчера трагаат по 30-годишниот жител на Никуштак. Интервенираа и вработените од Водостопанство, затнат е испуст на браната...

Рано утринава продолжи потрагата по 30-годишното лице од липковското село Никуштак, кое вчера влезе и не излезе од водите на вештачкото езеро Глажња. Потрагата од специјалците синоќа беше прекината. Вклучени се три тима на единицата Тигар. Од регионалниот центар за управување со кризи Куманово информираа дека според пријавата добиена на бројот 112 лицето влегло да се капе во браната, на оддалеченост од 1,5 километри и исчезнало.
„На 30.07.2023 година во 14.00 часот во СВР Куманово било пријавено дека на браната Глажња, Ф.Р.(30) од село Никуштак влегол во водите од браната и не излегол. Ангажирани биле спасувачки екипи и сè уште се трага по Ф.Р.“, истакна Ивана Младеновска, портпарол СВР Куманово.
Потрагата доцна синоќа била прекината. Полицајци од станицата од Матејче го обезбедувале местото. Интервенираа и вработените од Водостопанство, затнат е испуст на браната.
„Подружница Кумановско-липковско поле од АД Водостопанство во координација со полицијата го затворивме темелниот испуст на браната и турбинскиот и затоа ќе биде запрено со системот за наводнување, само ќе има за индустрија за градот вода“, нагласи Оливер Тодоровски, АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“.
Утринава акцијата на специјалците ја набљудуваа и претставници на семејството, жители на Липково.
Не е прв пат лица да влезат да се капат во липковските езера. За жал некои од случаите досега завршија трагично.
Елена Георгиевска
