Службите подготвени за справување со пожари
Доколку се појави потреба да се интервенира при пожар, од воздух ќе може да се гаси со три авиони и четири хеликоптери – службите се подготвени, уверуваат од Центарот за управување со кризи. Од Дирекцијата за заштита и спасување се пожалија дека шумските служби затајуваат со дејствувањето на терен. Порачаа општините да вложуваат во справувањето со пожарите...

Авионите и хеликоптерите да бидат последната алка во синџирот со која ќе се дејствува во случај на пожар – тие да се активираат само доколку општините и другите служби не можат да се справат со огнената стихија.
Од Дирекцијата за заштита и спасување посочуваат дека системот затајува. Општините не вложуваат во опрема, камионите и цистерните кои ги поседуваат не ги одржуваат, а некои се прастари. Директорот Беким Максути како пример го посочи источниот регион, од 50 вработени во шумските служби, само четворица би можеле да излезат на терен во случај на пожар.
„Сакаме да укажеме дека тие треба први да бидат одговорни, затоа што тоа е нивна работа, а да побараат помош од другите институции доколку не успеат со ресурсите што ги имаат. Затоа што другите ресурси се скапи и опасни, но и се последните согласно законот. Многу е важно дали кај пожарот ќе се отиде за пола час, да се види, да се локализира и да се знае точно на која страна носи ветерот, колку може да се прошири итн. А не да се гледа од далеку и да се побара авионот на ДЗСИ да фрли вода“, изјави Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Доколку се појави потреба да се интервенира од воздух, ќе може да се гаси со три авиони и четири хеликоптери – службите се подготвени, велат од Центарот за управување со кризи.
„Ако гори кон Солунска глава, ако гори на некоја планина високо во планината каде што нема пристапен пат со возило и на екипите им е потребно време да дојдат да видат за што точно се работи, тогаш најбрзиот и единствен начин се авионите и хеликоптерите, но како и да е, ние брзо дознаваме за пожарите, нашиот фокус е ставен врз ресурсите затоа оваа сезона сме целосно подготвени“, изјави Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи.
Викендов голем пожар избувна во Неготино кај месноста Гоцева шума, тој е изгаснат, а дежурни пожарникари остануваат на терен. Изгореа околу 20 хектари борови дрвја. Пожарите кои пред две години го зафатија источниот регион оставија огромна штета. Обновата на шумскиот фонд ќе трае со години.
Андријана Ѓурческа
