Нигер

Се разгорува кризата во Нигер

31.07.2023 14:48

Војниците кои го соборија претседателот ја обвинија Франција дека сака воено да интервенира, за да го врати Базум на функција. Поддржувачите на хунтата ја запалија влезната врата од Француска амбасада. Западноафриканските земји им дадоа на пучистите една недела да воспостават уставен поредок...

Се разгорува тензијата во Нигер. Војниците кои го соборија претседателот Мохамед Базум ја обвинуваат Франција дека сака воено да интервенира. Пучистите тврдат дека член на владата на Базум, потпишал документ со кој се одобрува Париз да преземе воена акција за ослободување на претседателот.

„Јас, долупотпишаниот, министер за надворешни работи и привремен премиер, ги овластувам француските партнери да извршат удар врз претседателската палата во наредба да се ослободи претседателот на Нигер, Мохамед Базум, кој е земен како заложник. Ова служи како официјално известување. Потпишан, привремен премиер“, изјави полковник мајор Амаду Абдраман, портпарол по државниот удар.

По вонредниот самит во Абуџа, западноафриканските држави со ултиматум за една недела да се врати уставниот поредок во Нигер. Економската заедница го обнови повикот за итно ослободување на претседателот Базум, како легитимен шеф на државата.

„Следните мерки треба да се применат веднаш: Да се затворат копнените и воздушните граници меѓу земјите од Економската заедница на западноафриканските држави и Нигер, да се замрзнат финансиските трансакции помеѓу земјите членки на заедницата и Нигер. Се воведува забрана за патување и се замрзнува имотот на воените службеници вклучени во обидот за пуч и нивните семејства“, изјави Омар Турај, претседател на Комисијата на западноафриканските држави.

„Сакам да бидеме силни, верни и решителни за опстанокот на луѓето, како и слободата и обновувањето на уставно избраното тело во Република Нигер“, порача Бола Ахмед Тинубу, претседател на Сојузна Република Нигерија.

Во Нигер пристигна воениот лидер на Чад и преоден претседател Махамат Идрис Деби на разговори со водачите на државниот удар. Според аналитичари, ако регионалниот блок употреби сила, тоа би можело да предизвика насилство не само меѓу силите на Нигер и западноафриканската заедница, туку и меѓу граѓаните.

 

Маријана Димовска