Влада

Чествување на 2 Август: Ковачевски во Скопје, Пендаровски во Пелинце, Џафери во Крушево

31.07.2023 18:57

Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, годинава, се одбележува 2 Август-Денот на Републиката – Илинден. Во таа чест, делегации на Владата на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија и на Претседателот на Република Северна Македонија ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености...

Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, годинава, се одбележува 2 Август-Денот на Републиката – Илинден. Во таа чест, делегации на Владата на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија и на Претседателот на Република Северна Македонија ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености.

По повод чествувањето на денот, 120 години од започнувањето на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и Денот кога пред 79 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на нашата државност, ќе се одржат низа свечености во организација, но и со учество на државниот врв.

Како што соопштуваат од владината прес-служба, на 1-ви август во Крушево, традиционално, во организација на НКС „Десет дена Крушевска Република“ се отвора истоимената манифестација која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево каде ќе присуствува и ќе се обрати и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

Одбележувањето на Денот на Републиката, Илинден на 2-Август ќе започне со настаните во Скопје, каде на свечена манифестација на Тврдината Кале во Скопје ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, а високи владини делегации ќе положат цвеќе на повеќе локации во градот.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, предводејќи висока државна делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.

Владината делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република.

Со положување цвеќе на споменикот на Мечкин Камен продолжува церемонијата во чест на националниот празник, по што на Мечкин Камен започнува манифестацијата на која свечено ќе се обрати претседателот на Собранието, Џафери.

Претседателот на државата Стево Пендаровски по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на 2 Август 2023 година, ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце.

Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, ќе биде положено свежо цвеќе, по што претседателот Пендаровски, ќе се обрати.