Раката која дарува не се суши: Македонија ја покажува својата хуманост

20.05.2014 17:28

„Кога ќе го добиеш ова, насмевни се ,тоа ќе ми биде благодарам, а тебе утеха за подобри денови“, извесна Велкова Цаци посакала пораката да стигне до непознатиот примател дека Македонија донира од срце , сочувствува... Сликата на пунктовите непроменлива. Не стивнуваат донациите...

Државата се откажува од данокот на додадена вредност на телефонските повици што граѓаните ги испраќаат како донации. Владата реши тие средства да ги пренамени како хуманитарна помош за загрозените региони по звршувањето на целата акција до крајот на месецов. Се советуваат и фирмите кои даваат помош претходно да се обратат до министерството за правда за да бидат ослободени од определени давачки.

„Од државниот буџет на Македонија ќе биде испратена дополнителна помош од 100.000 евра кон Босна и Херцеговина и 100.000 евра кон Србија“, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.

Македонија го испрати и конвојот со помош за Босна и Херцеговина, два камиони од Скопје, уште два од Куманово со 70 тони стока (30 тони вода, 20 тони храна, 15 тони хигиенски средства).

Непосредно пред заминување со екипата наидовме на еден од возачите. Ни пренесе несекојдневен гест на хуманост.

„Довезов стока овде во Македонија, фирмата за која работам дозна дека е потребна помош. Ми се пружи прилика да го натоварам камионов и да го вратам полн во Сараево“, вели возачот кој го сретнавме.

„Кога ќе го добиеш ова, насмевни се ,тоа ќе ми биде благодарам, а тебе утеха за подобри денови“, извесна Велкова Цаци посакала пораката да стигне до непознатиот примател дека  Македонија донира од срце , сочувствува... Сликата на пунктовите непроменлива. Не стивнуваат донациите...

„Донесовме облека, постелнини, хигиенски средства, храна...се што се бараше... Кондури...“, велат  хуманите граѓани.

Тешко е пакувањето, товарењето па на припомош доаѓаат се повеќе граѓани

„Јас донирав уште во неделата, но кога видов дека на Црвениот крст му е потребна помош за сортирање, препакување на работите кои граѓаните ги носат одлучив да помогнам“, вели една волонтерка во Црвениот крст.

Деновиве ќе се приклучи и амбасадата на Босна и Херцеговина. Амбасадорот Беговиќ посочи дека неговата екипа секојден по работното време ќе оди во магацините на црвен крст да помага. Заблагодарувајќи им се на граѓаните замоли:

„Кога е збор за храната, би замолил да биде храна која не ќе биде потребно термички да се обработува, бидејќи во поплавените подрачја сеуште не е пуштена електрична енергија, така што на тој начин би можело да се случат уште повеќе штети. Инаку 24 часа сме во контакти, актвини сме многу на социјалните мрежи, одговарамае на повиците на Македонските граѓани“, изјави амбасадорот  на БиХ во Македонија, Здравко Беговиќ. 

Раката што дарува не се суши. Македонската издвоила 8 милиони 860 денари преку телефонски повици и уште 400 илјади на донаторската сметка.

„Очекуваме наредните денови со оглед на тоа што почнаа се повеќе компании да се вклучуваат оваа сметка да се зголеми“, изјави генералниот секретар на Црвениот Крст на РМ, Саит Саити.

Деновиве ќе следуваат уште две пратки до Србија и Босна и Херцеговина, а донациите ќе се собираат се додека им е потребно на настраданите во поплавите.

 

Фиљана Кока