Нови напади со дронови врз Москва
Војната во Украина добива нови димензии. Москва повторно нападната со беспилотни летала. Експлозии во административна зграда во центарот на градот. Нема повредени. Нови гранатирања и во Харков...

Војната во Украина добива нови размери. Москва одново цел на украински беспилотни летала, тврдат руските власти. Дрон удрил во истата зграда која беше оштетена во сличен напад во неделата. Портпаролката на руското МНР, нападите ги спореди со терористичките напади на Њујорк, во 2001-ва година. . Киев и Москва со денови меѓусебно се обвинуваат за напади врз цивилна инфраструктура во Украина и во Русија.
„Навистина, заканата постои, очигледно е. Но, се преземаат мерки“, изјави портпарол на Кремљ, Дмитриј Песков.
Нови гранатирања и во Харков. Камикази уништија два ката од студентски дом. Нема жртви.
„Имаше околу шест-седум беспилотни летала камикази кои беа делумно уништени од воздушната одбрана, делумно погодија цивилни објекти. Нападот е извршен по случаен избор“, информираше началникот на полицијата на регионот Харков, Володимир Тимошко.
Воени дејствија и во Запорожје. Руското министерство за одбрана објави видео-снимка од контрола на плановите за напад врз непријателски цели. И додека украинските сили се обидуваат да го вратат Бахмут, снајперистите спроведуваат ноќни напади врз руските војници.
„Кога бев цивил, не сакав оружје, но сега морав да земам оружје за да ја одбранам мојата земја. Секако дека се плашам“, рече украински снајперист.
„Секое патување може да ни биде последно, но правиме благородно дело“, вели друг.
Украинскиот министер за внатрешни работи, тврди дека спречиле обид за инвазија на северот на земјата од страна на руска диверзантска група. Откако „Вагнер“ е во Белорусија, Киев го зајакна военото присуство во северниот воен сектор. Украинската војска мора да има доволно оружје за да се справи со непријателот, дециден е Зеленски.
„За безбедноста на нашите градови, за заштита на нормалниот живот на Украинците и нашите деца, нашата војска мора да има доволно оружје со долг дострел, доволно средства да ги порази терористите. Притисокот од светските санкции против Русија треба значително да се зголеми“, порача украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Киев и Москва со денови меѓусебно се обвинуваат за напади врз цивилна инфраструктура во Украина и во Русија. На 5-ти и 6-ти август, 30 земји учествуваат во мировните разговори за Украина во Џеда, но Кремљ не е поканет. Путин се надева на миротворните предлози од Африка и од Кина.
Маријана Димовска
