Во американскиот Сенат предложена резолуција за чествување на македонскиот јазик, култура и историја
Во американскиот Сенат предложена резолуција за македонскиот народ и неговото наследство. Промовирање на историјата, јазикот и културата на Македонците во САД, бара во резолуцијата предлагачот, сенаторот Брон...

Во американскиот Сенат, слично како во германскиот Бундестаг, предложена е резолуција поврзана со македонскиот народ и наследство. Според републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон, целта е да се прослават јазикот, историјата и културата на македонските Американци. Во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културното влијание на македонските Американци во САД, објави „Гласот на Америка“. Според проценките, денеска во САД живеат околу пола милион граѓани со македонско потекло.
„Да се препознаат бројните придонеси на македонските Американци во САД во различни области, вклучувајќи уметност, наука, бизнис, политика, медицина и спорт, и да ги поттикнат граѓаните на САД да го одбележат месецот на македонско-американско наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци“, се вели во резолуцијата.
Според професорката Јачева-Улчар, оваа предлог-резолуција е добра и треба да претставува поттик и за другите Македонци во дијаспората да се обрне внимание на светската јавност, а не само политичката, за тоа што и се случува на Македонија и на македонскиот јазик во 21 век.
Според Мето Колоски, коосновач и претседател на Обединетата македонска дијаспора, ова е важно за Македонија и македонскиот народ. Истакнува дека Резолуцијата не е поврзана со уставните измени во Македонија. Да продолжиме да ја градиме Македонија на прав пат, без задоволување на апетитите на соседите или некакви туѓи интереси, порача Колоски.
Александра Спировска
