Политика

Министрите од ДУИ ги поднесоа оставките

01.08.2023 16:53

Депонирани оставките на министрите од ДУИ до премиерот Ковачевски. Треба да стапат во сила доколку се изгласаат уставните измени од ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ укажува - исполнети се условите на опозицијата, таа пак посочува на постојаниот криминал во владејачката коалиција...

Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат. Оставките автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени, стои во објавата на Али Ахмети на Фејсбук.

Вицепремиерот Груби во оставката до премиерот Ковачевски порачува „Имајќи го предвид непристојниот услов на опозицијата за да ги изгласа уставните измени во Собранието, свесен за важноста на интеграцијата и достоинствената иднина на Република Северна Македонија, почитуван претседател на Владата, Ви ја поднесувам мојата оставка од функцијата министер за политички систем, која Ве молам да ја активирате во моментот кога опозицијата ќе гласа за предложените измени во Собранието и истите ќе стапат во сила“, пишува Груби.

Од владејачкиот СДСМ велат сите услови што Христијан Мицкоски ги постави за ВМРО-ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети.

Опозициската партија со оценка дека оставките на ДУИ се само фолирање, ама од криминал не се откажуваат. Оставките на ДУИ не треба да се гледаат сериозно. Постапките немаат суштина и тие велат дека оставките ќе важеле кога опозицијата ќе гласала за уставните измени. Формално такво нешто не постои, укажуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Седницата на законодавниот дом на која ќе се разгледува предлогот за пристапување кон измена на Уставот е закажана за 18-ти август. Дебатата може да трае најмалку 10 работни дена. Уставните измени треба да се усвојат во Собранието до 30-ти ноември, додека трае европскиот скрининг.

 

Игор Панов