Пелинце

Пендаровски: Реформи за да го спречиме иселувањето

02.08.2023 14:31

Не постои добра алтернатива за европските реформи – оваа порака од Пелинце ја испрати претседателот Пендаровски, кој рече дека без одлагање треба да се надминат разликите и да се сплотиме за итно започнување на преговорите за членство во Унијата. Шефот на државава од прославата на Илинден предупреди дека со сегашното темпо на иселување, набрзо може да ја достигнеме критичната демографска точка по која нема враќање...

Младите во фокусот на обраќањето на шефот на државата Стево Пендаровски на одбележувањето на Илинден. Од Меморијалниот центар во Пелинце, тој побара да се направи сè за да се спречи трендот на иселување на младите од државата, бидејќи со вакво темпо наскоро може да стигнеме до критична точка од којашто нема враќање.

„Младите не веруваат во институциите, не веруваат дека со личен труд можат кариерно да напредуваат и да допринесат за општо добро, затоа што партиската книшка, роднинските врски или етничката припадност се поважни од знаењето и квалитетот“, предупреди претседателот, кој рече дека мора да забрза процесот на спроведување на реформите.

Интеграцијата во ЕУ ќе помогне да изградиме функционална правна држава со независен и функционален судски систем, рече шефот на државава и додаде дека не може да се очекува европските реформи да бидат лесни, но оти друга алтернатива не постои. Потребно е да се мобилизира секој сегмент во општеството за искоренувањето на корупцијата, непотизмот и криминалот, рече Пендаровски.

Претседателот на државата повика на обединување за надминување на меѓусебните разлики со цел итно започнување на преговорите со ЕУ, бидејќи во спротивно ќе го изгубиме виталниот дел од општеството, а тоа се младите.

 

Марина Тонева