Италијанска вечер

Дипломатските вечери на „Охридско лето“, потврда за успешна културна соработка

03.08.2023 11:07

63. издание на најреномираната културна манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“, доби рекордна поддршка од 11 амбасади. Дипломатските вечери на фестивалот, се потврда за успешната културна соработка. Со италијанска вечер, во катедралната Света Софија, се одбележаа 30 години успешни дипломатските односи меѓу двете земји...

Дипломатските вечери на најпрестижната културна манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“ и годинава ја потврдуваат и продолжуваат успешната културна соработка со амбасадите. Во катедралната “Света Софија“, по петти пат се одржа италијанска вечер. Публиката уживаше во прекрасната изведба на пијанистот Екланд Хаса и тенорот Џани Лечезе.

Италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри вели оваа година се одбележува значаен јубилеј, три децении одлични дипломатски односи меѓу двете земји.

„Ние имаме одлични односи на секое поле. Политички, ние секогаш ја поддржуваме Северна Македонија во евроатлантските аспирации. Исто така и економски секогаш сме биле важен партнер за инвестиции. Секако и на полето на културата. Многу сме активни, посебно на полето на музиката“, изјави италијанскиот амбасадор, Андреа Силвестри.

63-тото издание на Охридско лето доби рекордна поддршка од 11 амбасади. Романија, САД, ЕУ, Србија, Грција, Полска, Шпанија, Словенија, Италија, Франција и Украина.

„Оваа година имаме рекордна поддршка од дипломатските претставништва во земјава, единаесет амбасади коишто ги поддржаа нивните уметници, воедно и сите амбасадори со нивно присуство нивни говор, со голема благодарност кон фестивалот Охридско лето. Сметам дека тоа е многу важно за нашата култура“, вели Наташа Поповиќ, директор на фестивалот „Охридско лето“.

Дипломатските вечери во рамките на фестивалот „Охридско лето“, се традиција препознаена од фестивалската публика како можност да се присуствува на квалитетен музички настан кој носи симболика за промоција на заедништво и просперитет.

 

Соња Рилковска