Апанажата дополнително ќе ја зголеми внатрепартиската конфронтација во СДСМ

20.05.2014 20:19

Собранието има уставна обврска да ги верификува мандатите на пратениците врз основа на добиениот извештај од ДИК, се децидни во ставот поранешниот претседател на Комисијата, Новаковски којшто во комисијата беше делегиран од СДСМ. На иста линија е и поранешниот член на комисијата Алтанџиева којашто исто така беше предлог на СДСМ.

Алтанџиева вели дека заверените изјави кај нотар немаат никаква правна тежина.

„Заверена изјава на нотар за неприфаќање на мандат од страна на избран пратеник, не постои, значи изјавата за прифаќање на кандидатура е неотповиклива“, вели Тања Алтанџиева, поранешен член на ДИК

Уставот и изборната регулатива се многу јасни, вели екс претседателот на ДИК Новаковски за МТВ. Можност за неприфаќање на мандат ќе имаат само следните на кандидатската листа доколу оние на коишто сега им е верификуван мандатот си поднесат оставки.

„Нашиот правен систем не познава неприфаќање на мандати врз основа на изјави заверени на нотар, таков инструмент за неприфаќање на мандат е познат само за остатокот од листата а не во текот на конституирањето на собранието и на мандатите кои се избрани, врз основа на конечен извештај на ДИК“, вели Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК

Алтанџиева е изненадена од поднесената тужба до Управниот суд од страна на СДСМ. Адресата е вели погрешна.

„Усвоената одлука на собранието за верификација на мандатите, едноставно не претставува конечен управен акт, а управен спор може да се поднесе само против конечен управен акт. Тужбабата би требало да биде отфрлена како недозволена“, вели Тања Алтанџиева, поранешен член на ДИК

И додека во СДСМ и натаму остануваат на формулацијата  за  неприфаќање на  мандатите и ја чекаат одлуката на управниот суд за потоа да ги откриеле следните чекори , барањата за апанажа на поранешните пратеници на социјалдемократите  според Шилегов се легитимни. Ваквиот потег за аналитичарот Пандов е само уште една потврда дека во СДСМ личниот интерес бил секогаш приоритетен.

„Број еден им е личниот интерес, број два им е партискиот интерес, сосема на крај, ако остане, им се граѓаните и државата. Кај нив, личниот сега, на тие што им одговара да земаат апанажа, си бараат, на оние што им одговара да играат политика и да го изигруваат гласот на граѓаните, си тераат по свое“, вели Александар Пандов,  аналитичар

Според Пандов оспорувањето на мандатите од една страна, а барањата за апанажа од  друга страна само доплнително ќе ја разгори внатрепартиската конфронтација.

Виолета Димовска