Се одбележува Светската недела на доењето
„Доењето да се поддржи секаде и секогаш“, со ова мото се одбележува светската недела на доењето кај нас. Лекарите апелираат да им се овозможи на мајките доење и на јавни места, но и на работните места. Укажуваат и на значењето на мајчиното млеко во најрана возраст…

„Доење на работно место“, кампањата поддржана од Комитетот за безбедно мајчинство, треба да ја подигне свеста за важноста и значењето на хранењето на новороденчето со мајчино млеко. Во Македонија има закон што овозможува пауза од еден час на доење на мајките на работното место за бебињата до шест месеци, сепак овој закон не се спроведува или минимален е бројот на работодавци кои тоа им го овозможуваат на вработените мајки, оценуваат лекарите.
Освен на работното место, препорачуваат и да се обезбеди просторија во речиси сите јавни институции кои работат со странките како пошти, банки, па и приватните бензински станици, во коишто на мајката ќе и се овозможи минимална доза на приватност да го подои бебето.
Упатена е забелешка до работодавците кои им даваат отказ додека тие се сè уште бремени или штотуку се породиле. Мајките наместо да се посветат на мајчинството, се оптоваруваат со ненадејна финансиска грижа, а правдата ја бараат во судските лавиринти.
Марина Стојанова Тонева
