Оформен предмет за дополнување на Законот за работни односи
Уставниот суд оформи предмет за измените и дополнувањето на законот за работни односи. Во иницијативата на хелсиншкиот комитет се вели дека се спушта нивото на заштита на работникот и се отвораат механизми за манипулација...

Дали работниците кои ги градат автопатите на коридорите 8 и 10 ќе работат прекувремено и за тоа ќе бидат платени? Уставниот суд оформи предмет по барање на хелсиншки, кој треба да утврди дали има манипулација во законот за изменување и дополнување на законот за работни односи. Тоа ќе покаже колку работниците ќе бидат исплаќани за нивниот ангажман од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“. Хелсиншки тврди дека има нееднаков третман на работниците, но и дискриминација од страна на министрите за финансии и труд и социјална политика, кои го одредуваат начинот и местото на исплата на дневниците. Во иницијативата до Уставниот суд се вели дека се создава правна несигурност, бидејќи со оспорениот член се предвидува исклучок на прекувремена работа подолго од 8 часа неделно или 190 часа годишно, доколку се работи за проекти од стратешко и национално значење.
„Предметот е предаден на работа кај тимови од советници и судии и е во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница“, вели Христина Беловска.
Од Хелсиншки сметаат дека со овие членови во законот за работни односи, власта не ги заштитува работниците што е спротивно на меѓународните конвенции и е обид да се заобиколат поставените правила.
Државни патишта на изведувачот досега префрлило 167 милиони евра, а граѓаните чие земјиште е земено бидејќи таму ќе поминуваат делниците, сè уште не се обесштетени. Не се почнати ниту гражните активности.
Министрите за надворешни работи на Македонија, Италија, Бугарија и Албанија веќе го потпишаа Стратегискиот договор за Коридорот 8.
Марина Ристова
