Социјала

Велешките пензионери на протест, бараат линеарно зголемување на пензиите

04.08.2023 12:20

Дел од велешките пензионери го кренаа гласот, со шест отсто повисока пензија не се живее, бараат линеарно зголемување за да може да живеат, а не да преживуваат, кажаа на протестот...

Пензионерите од Велес се придружија на нивните колеги од Прилеп и денес тие протестираа, барајќи линеарно зголемување на пензиите, не процентуално. Во општина Велес има околу девет илјади пензионери, половината се со пензии до 15 илјади денари. Велат, со пензиите што ги добиваат не живеат, туку преживуваат.

Пензионерите реагираат и за висината на солидарниот фонд за отпремнината за погреб, која со децении не е променета, има иста вредност, 30 илјади денари, иако трошоците за погреб, како и се во државата, повеќекратно се зголемени.

Пензионерите реагираат дека голем дел од пензијата оди за лекарства, за комуналии и малку останува за живејачка. Укинато им е одењето на бања. Една од присутните велеше дека две години не купила огрев, оти ако купи ќе нема за живот, па зимата ја минувала греејќи се со ќебиња

Велешките пензионери најавија дека протестот ќе го продолжат и во понеделник.

 

Петар Печков