Руско - украински конфликт

Нападнато руското пристаниште Новоросијск

04.08.2023 12:57

Експлозии во близина на руското пристаниште Новоросијск. Украина тврди дека извршиле напад со поморски дрон. Судирите на морето се засилија откако Русија се повлече од договорот за извоз на украинското жито. Продолжува распоредувањето на полската источна граница, откако два белоруски воени хеликоптера го нарушија воздушниот простор на Полска...

Експлозии во близина на руското пристаниште на Црно Море, Новоросијск. Украина тврди дека извршиле напад со поморски дрон со 450 килограми експлозив врз база на руската морнарица. На бродот имало околу 100 членови, но навреме се евакуирале. Претходно руското Министерство за одбрана соопшти дека спречиле нов напад во текот на ноќта, соборувајќи 13 украински беспилотни летала.

Новоросијск е едно од најголемите пристаништа на Црното Море. Судирите на морето се засилија во изминатиот период, откако Русија се повлече од договорот за извоз на украинското жито. Во предградие на украинскиот главен град, во тек е обука за отстранување на нагазни мини со помош на детектори обезбедени од Јапонија. Украинската државна служба за вонредни состојби, проценува дека речиси една третина од земјата е преполна со нагазни мини и неексплодирани гранати по руската инвазија.

„Украина е една од најминираните земји во светот, а поддршката од Јапонија е многу важна“, вели Иван Шепелиев, украински војник.

Украинскиот претседател тврди дека истрагата за активностите на украинските воени комесари открила многу злоупотреби. Ќе се истражува кој ја злоупотребувал воената состојба, по што ќе бидат поднесени кривичната постапки.

„Слушнавме извештаи од шефот на Службата за безбедност на Украина и министерот за внатрешни работи. Едно од прашањата беше истрагата за „воените комесари“. Инспекцијата открива многу злоупотреби. Сите факти откриени од органите на прогонот, ќе бидат претставени на јавноста и ќе бидат истражени во рамките на кривичната постапка“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Во меѓувреме, продолжува распоредувањето на полската источна граница, откако два белоруски воени хеликоптери го нарушија воздушниот простор на Полска.

„Локалните жители се многу задоволни од нашето присуство. Сигурен сум дека нашето присуство им помага да се чувствуваат безбедно“, изјави полски војник.

„Постојат моменти кога човек не спие и по 24 часа додека патролира и ја набљудува границата“, вели друг.

Дополнителните сили што се испраќаат на границата со Белорусија вклучуваат војници, но и борбени хеликоптери.

 

Маријана Димовска