МРТ на терен со полицијата и моторџиите во Куманово
За само три месеци на подрачјето на Куманово за неносење заштитна опрема, санкционирани се над 400 мотоциклисти. За таа цел Отсекот за превенција, заедно со мотоклуб „Мечки“, но и екипа на Македонската телевизија, излегоа на терен. Возачите кои управуваа мотоцикл со кацига, добија награди. Оние што не внимаваат пред сè на својата безбедност, завршија со опомени...

Екипата на Македонската телевизија на терен со полицијата и моторџиите. Се контролираат лицата што управуваат мотоцикли. Оние што го почитуваат законот, но пред сè внимаваат на личната безбедност и носат кациги, добија пофалба и подароци од полициските припадници и членовите на мотоклуб „Мечки“. Останатите пак вообичаено помладите што не поседуваат неопходна опрема, завршија со опомени.
„Целта на оваа превентивна активност е да се даде посебен акцент на младите мотоциклисти и нивните родители за поголемо внимание и грижа кон децата, зголемување на сообраќајната култура, мотоциклистите да се почитуваат како рамноправни учесници во сообраќајот, заштита на малолетниците од прекршување на правата и прописите“, изјави портпаролот на СВР Куманово, Ивана Младеновска.
Со ваквите превентивни акции целта е да се подигне нивото на сообраќајната култура, да не се прави непотребна бучава, но и да се намали бројот на жртви во сообраќајот.
„Обично во летно време кацигите не ги носат, бидејќи е многу топло, но тие пет минути кога ќе излезат, на кратки релации тогаш се случуваат тие несакани работи. Во кое било време, кога ќе управувате мотоцикл носете кацига, дали е топло или ладно тоа е најважната“, истакна Виктор Михајловски, претставник Мотоклуб „Мечки“ Куманово.
На подрачјето на Куманово изминативе три месеци, санкционирани се 407 мотоциклисти за неносење заштитен шлем, 43 за непоседување возачка дозвола и 12 биле нерегистрирани. Превентивната активност под мотото „Безбедно на мотор“ ја организираа отсекот за превенција при СВР Куманово и мотоклуб „Мечки“, заедно со општинскиот совет за безбедност во сообраќајот.
Елена Георгиевска
