Бочварски: Рехабилитиран патот од Берово до Владимирово
Завршивме со комплетна реконструкција на регионалниот пат од Берово до населеното место Владимирово со што направивме одличен проект за жителите на Владимирово и верувам дека со ова ќе придонесеме за подобар живот на локалното население, истакна министерот Бочварски при денешната посета на општина Берово...

Завршивме со комплетна реконструкција на регионалниот пат од Берово до населеното место Владимирово со што направивме одличен проект за жителите на Владимирово и верувам дека со ова ќе придонесеме за подобар живот на локалното население, истакна министерот Бочварски при денешната посета на општина Берово.
Министерот заедно со градоначалникот Звонко Пекевски извршија увид во завршениот регионален пат, во должина од 5,5 километри и инвестиција од 45 милиони денари средства обезбедни преку централниот буџет.
“ Направивме добар проект за граѓаните на Владимирово и веруваме дека со ваквите проекти даваме сериозен придонес за задржување на граѓаните во населените места. И ова го правиме се со цел да придонесеме за подобра инфраструктура, побезбеден сообраќај и поврзување со останатите населени места. Верувам дека со оваа инвестиција од преку 45 милиони денари реализиравме многу значаен проект. Остануваат да се завршат уште неколку технички зафати, да се постави сообраќајна сигнализација и банкини и со тоа ќе завршиме уште еден инфраструктурен проект“, изјави министерот Бочварски.
Завршена е реконструкцијата на патните правци кон Струмица и Виница, комплетно го рехабилитиравме патниот правец од Берово кон ГП Клепало, ја реализиравме и изградбата на фекалната канализација во туристичката населба на Беровското Езеро, во селото Ратево го изградивме водоснабдувачкиот систем, а сега таму започнуваме и со реконструкција на улицата Илинденска. Верувам дека граѓаните ги препознаваат сите овие проекти бидејќи веќе ги чувствуваат придобивките од нив, додаде министерот Бочварски.
Поддршката што ја дава Централната власт, посебно Министерството за транспорт и врски за Берово и околината е многу значајна. Преку инфраструктурните проекти ги подобривме патиштата, ја подобривме комуналната инфраструктура и комуникацијата со останатите населени места во Берово. Сите овие проекти ни го подобруваат условите за живот, потенцираше градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски.
