Силно невреме во Словенија, се евакуираат илјадници луѓе
Словенија го вклучи алармот и прогласи вонредна состојба поради невремето. Војската на состојба на готовност. Врнежите во текот на ноќта предизвикаа поплави, се евакуираат илјадници луѓе…

Службата за цивилна заштита на Словенија ја вклучи и војската во состојба на готовност поради силното невреме. Рекордните врнежи во текот на ноќта предизвикаа поплави. Активиран е националниот план за заштита и спасување. Се евакуираат илјадници луѓе. Вонредна состојба поради временските услови е прогласена во речиси цела држава.се спроведуваат и спасувачки акции со хеликоптер, многу луѓе се засолнуваат на покривите од домовите.
„Ситуацијата е тешка. Во Словенија имаме поплава слична на таа во 1990-та година. Дождот од западна, северна централна ќе се префрли во јужна, југоисточна и источна Словенија. Очекуваме излевање на реките во поголем обем“, изјави Јанез Полајнар, хидролог, Агенција за животна средина на Словенија.
Над 15 илјади граѓани останаа без струја. Водата за пиење во неколку региони е технички неисправна. Полицијата известува за неколку смртни случаи. Патиштата се блокирани, а од луѓето е побарано да останат дома. Според прогнозите, обилни дождови и силен ветер се очекуваат и во централниот и источниот дел.
„Количеството врнежи во изминатите 12 часа беше дури и поголемо од најверојатните сценарија. За нешто повеќе од 12 часа паднаа близу 200 милиметри врнежи на квадратен метар“, вели Бране Грегорчич, метеоролог, агенција за животна средина на република Словенија.
Пожарникарите во текот на ноќта претежно испумпувале вода од поплавените објекти, заштитиле неколку места на одрони и спасувале потопени возила крај патиштата, се вели во соопштението на дирекцијата за заштита и спасување на Словенија.
Ана Јосифовска Тодоровска
