Политика

Власта и опозицијата со меѓусебни критики и обвинувања

04.08.2023 14:57

Услови се исполнети само за предвремени избори, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по прозивката од СДСМ да дадат поддршка за уставните измени. Опозицијата со прашање зошто Обвинителството не отворило предмет за случајот „Соравиа“. Социјалдемократите возвратија, со усвојувањето на уставните амандмани, Мицкоски и ДПМНЕ можат веднаш да станат дел од влада во која нема да учествува ДУИ, па избори.

Исполнети се само условите за одржување предвремени парламентарни избори, велат во ВМРО-ДПМНЕ, по ставот на СДСМ дека е време опозицијата да ги поддржи уставните измени. Според нив, социјалдемократите треба да одговорат, зошто Јавното обвинителство за организиран криминал не отвори предмет за случајот „Соравиа“ и претприемачкиот дух на Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Ахмети, и за возниот парк на Артан Груби.

СДСМ возврати со соопштение, во кое се наведува дека со усвојувањето на уставните амандмани, Мицкоски и ДПМНЕ можат веднаш да станат дел од влада во која нема да учествува ДУИ, а потоа и да се организираат предвремени избори.

Во спротивно, ќе покажат дека се несериозни и неодговорни пред сопствениот народ и пред иднината на државата. Мицкоски и ДПМНЕ повеќе од една година ги лажеа граѓаните за наводно загрозување на македонскиот јазик, идентитет, култура и посебност, но факт е дека тие денес се меѓународно заштитени и потврдени, како никогаш досега. Доказ за тоа е предлог-резолуцијата во сенатот на САД, како и претходно усвоената резолуција од германскиот Бундестаг, велат од СДСМ.

Секој пратеник и политички субјект се одговорни за измените на Уставот, сè друго е дејствување спротивно на државните и националните интереси, нагласуваат социјалдемократите.

 

Игор Панов