Во Ѓорче Петров утринава мирно, сообраќајот се одвива непречено
21.05.2014 09:35
Полицијата синоќа потврди дека протестите поминале без посериозни инциденти и поголеми нарушувања на јавниот ред и мир...

Во скопската општина Ѓорче Петров утрово е мирно, а сообраќајот се одвива непречено, по протестите што вчера започнаа по 17 часот, во знак на револт за убиениот матурант Ангел Петковски, а беа организирани преку социјалните мрежи.
Вкупно 27 лица се приведени по протестите во општина Ѓорче Петров организирани по убиството на 18-годишниот матурант. Од нив, 16 се приведени во полициската станица во Кисела Вода, а 11 во полициската станица во Карпош и по документирањето на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Полицијата синоќа потврди дека протестите поминале без посериозни инциденти и поголеми нарушувања на јавниот ред и мир.
„Досега нема пријавено повредени лица згрижени во ниту една болница, ниту пак имаме добиено некакви пријави за настаната поголема материјална штета“, изјави синоќа портпаролот Иво Котевски.
Тој информира дека за време на протестите во неколку наврати биле фрлани камења и метални предмети кон полицијата и оти досега имаат сознанија за неколку повредени полицајци и за неколку оштетени полициски возила, но како што рече, поточни информации ќе имаат откако полициските службеници ќе се вратат од терен.
