ММФ: Македонската економија оди во добра насока
Македонската економија се движи во добра насока, треба само да се поработи на подобар кредитен раст и привлекување на странски инвестиции, оценува заменик Директорот на Европскиот оддел на Меѓународниот монетарен фонд, Асим Хусеин за Македоската телевизија. Поплавите во регионот, малиот економски раст во земјите што се трговски партнери на Југоисточна Европа и ситуацијата со кризата во Украина ќе имаат негативен ефект врз економиите во регионот...

Регионот на Југоисточна Европа ќе има економски раст оваа година. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува дека Македонија ќе оствари економски раст од 3,5%. Но, поплавите на Балканот ќе влијаат штетно врз економиите во Србија, Босна и Херцеговина и во Хрватска, оценува заменик Директорот на Европскиот оддел на ММФ, Асим Хусеин, особено поради што веќе овие две земји имаат висока задолженост.
„Мислам дека генерално целиот регион без поголемите економии, ќе имаат економски раст. За Македонија исто така предвидуваме и натаму да се зголемува економскиот раст. Како што знаете од 2013-та почна заздравувањето на економскиот раст и за 2014-та предвидуваме да продолжи. Како и повеќето земји од регионот, критичен ризик е кредитниот раст и финансирањето со кредити од надвор. Ако кредитниот раст е слаб, тогаш и приватните инвестиции ќе бидат послаби и секако тоа ќе влијае и на економскиот раст на земјата“, изјави Асим Хусеин, заменик Директор на Европскиот оддел на ММФ.
Полска и Латвија со 5% економски раст најмногу ќе напредуваат во 2014-та, но ситуацијата во Украина и санкциите против Русија можат да го забават овој тренд. Во нашето соседство, економиите во Грција, Бугарија, Романија и во Унгарија се уште имаат негативно влијание од корупцијата. Германија е единствена од земјите членки на Европската Унија која ќе има зголемен и стабилен економски раст оваа година, додека растот во Франција и во Британија се уште е доста мал. Ова може негативно да влијае и на економијата во Југоисточна Европа каде овие три држави се најголеми трговски партнери на земјите од регионот.
Меѓународниот монетарен фонд оценува дека ситуацијата во Украина и санкциите против Русија ќе имаат незначително влијание врз економијата во Македонија, но ќе влијаат на стабилноста на некои банки во Австрија, Франција и во Италија.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
