Зачестено палење на возила во движење во Куманово
Од почетокот на годинава кумановските пожарникари интервенирале на 14 запалени патнички моторни возила во движење, како и на едно товарно возило. Експертите со апели возилата редовно да се сервисираат. Но, и правилно да се управуваа возилото особено на високите температури, кога се патува по подолги и пострмни нагорнини...

Зачестено самозапалување на моторни возила во движење. Од почетокот на годинава кумановските пожарникари регистрираат дури 14 интервенции на запалени патнички возила и една на товарно моторно возило. Согласно законот не е задолжително поседување противпожарен апарат за патничките возила, што не е случај за такси возилата и оние кои вршат транспорт. Пожарникарите сепак со апел граѓаните да набават ваков апарат. Велат случаите се различни. Во некои лицата сами се справуваат со пожарот, други пак ги повикуваат напомош.
„Сè зависи индивидуално од човекот колку ќе биде смирен во даден момент за да може сам да интервенира. Доколку има кај себе клешта се пресекува кабел на акумулаторот, штом се прекине доводот на струја по автоматизам самиот пожар се намалува, и помала е можноста да се ликвидира пожарот пред и ние да стигнеме“, изјави Деан Илиевски, командир во ТППЕ Куманово.
Експертите по безбедност во сообраќајот појаснуваат дека самозапалувањето на возилата се должи на недоволно сервисирање. Велат влијание има и правилното управување на возилото на високите температури, особено при искачување на нагорнини.
„Електричната инсталација на возилата како и дозволувањето на некое место да капе, да се јави замастување на мотор, доведува при овие високи температури до самозапалување на маслото, антифризот и самиот мотор. Особено ако се работи за подолги и пострмни нагорнини каде доаѓа до загревање на моторот и важи она правило со која брзина се качуваш со таа се и симнуваш“, смета Стоимко Златковски, пензиониран професор по безбедност во сообраќајот.
Професорите укажуваат дека оставањето на моторните возила на отворено на високи температури не би требало да предизвика проблем, освен кај возилата кај кои се чувствува пропуштање на плин. Во тој случај може да дојде до самозапалување на возилото, во движење но и кога е во мирување.
Елена Георгиевска
