Невреме во регионот

Критично во Словенија, предупредување за Хрватска и БиХ

05.08.2023 09:58

Црвена тревога во Словенија, предупредувања за невреме во Хрватска и Босна и Херцеговина. И натаму е критично во северниот, северозападниот и централниот дел на Словенија. Штетата се проценува како најголемата досега во историјата на земјата. Поројните дождови предизвикаа поплави поради кои беше спроведена итна евакуација на населението…

Вонредна седница на Советот за национална безбедност поради смртоносното невреме во Словенија. Поројните дождови предизвикаа поплави поради кои беше спроведена итна евакуација на населението. Повеќе места се отсечени поради свлечишта и поплавени патишта и мостови. Во земјата е прогласена црвена тревога. Количеството на дожд кое падна во изминатите 24 часа е еднакво на она што досега беше мерено во еден месец, предупредија надлежните за животна средина.

И натаму е критично во северниот, северозападниот и централниот дел на Словенија. Штетата се проценува како најголемата досега во историјата на земјата предизвикана од елементарна непогода. Љубљана ќе користи помош од европскиот механизам.

„Подготвени сме да бегаме, не спакувавме ништо, само што завршивме со ручекот. Се надевавме дека ќе помине.“

„Нè изненади околу 3-4 часот, иако сме на вториот кат, никогаш не се знае што ќе се случи ако се излеат реките.“

„Ни кажаа да се тргнеме настрана зашто постоеше опасност од излевање. Нè префрлија овде.“

Предупредувања за невреме се активирани и во делови од Хрватска и од Босна и Херцеговина.

Маја С. Филдишев