Активни се четири жаришта, пожарот во штипско повторно се активира
Вчера имало 29 пожари на отворено, од кои голем дел се изгаснати. Засега нема поголема опасност, за МТВ вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов...

Пожарот покрај патот Штип- Радовиш, изутринава повторно се активира и се шири кон селото Драгоево. Противпожарните екипи се на терен. Од Центарот за управување со кризи информираат дека се активни четири жаришта во земјава.
Вчера имало 29 пожари на отворено, од кои голем дел се изгаснати. Засега нема поголема опасност, за МТВ вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
„Пожарот кој избувна вчера помеѓу штипскиот затвор и селото Драгоево, кој ноќеска беше локализиран и ставен под контрола, во 8:30 часот повторно се активира и се шири кон селото Драгоево. ТППЕ Штип веќе се тргнати кон местото на пожарот, како и екипа на полицијата. Состојбата се следи“, информира Ангелов.
Претходно утрово од ЦУК информираа дека пожарот во штипско, меѓу затворот и селото Драгоево, бил локализиран ноќеска по 2 часот. Огнот зафатил површина од 130 до 150 хектари.
