Османи црта на табла, ВМРО-ДПМНЕ тврди оти ќе има нови услови
Наближува првата пленарка за уставните измени. Власта и опозицијата во ров. Шефот на дипломатијата Османи со повик до ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи процесот, па да се оди на предвремени избори. Тој на табла ја црташе преговарачката рамка и објаснуваше дека ќе нема нови сопки од Бугарија. Според опозицијата, последните провокации од Софија за Илинденското востание се потврда дека ако не се обезбедат сериозни гаранции од европските институции, ќе има нови условувања на нашиот интегративен пат…

Гласајте за уставните измени, па одиме на предвремени избори. Шефот на дипломатијата, Бујар Османи во интервју за Вториот програмски сервис на Македонската Телевизија испрати повик до ВМРО-ДПМНЕ да се вгради во процесот за да се надмине и последната пречка за отворање на поглавјата во преговорите со ЕУ. Иако барањето, министрите на ДУИ да ја напуштат власта го смета за шовинистичко, Османи тврди дека се подготвени и самите да заминат во опозицијата, ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го притиснат зеленото копче за уставните измени.
„Ако е ова барањето за поддршка на уставните измени, еве го исполнуваме. Ние сме за предвремени избори, само ако ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени“, вели Османи.
Но, според ВМРО-ДПМНЕ, последните провокации од Софија која, како што велат од партијата, го бугаризира Илинденското востание додека властите во Скопје молчат, е показател дека се врши отворена негација на македонската историја и оти уставните измени нема да бидат последниот бугарски услов на нашиот евроинтегративен пат.
„Овие нови пораки од Софија се потврда зошто не треба да се случат уставните измени под бугарски диктат, без сериозни институционални гаранции на европските институции за перспективноста на пристапниот пат на Македонија и за долговековниот македонски јазик историја и идентитет“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Османи, пак, објаснува дека преговарачката рамка со ЕУ е поделена на два дена – општ и специјален дел каде што се поглавјата. Според него, поврзаноста со Договорот со Бугарија е во општиот дел, каде што земјите-членки на ЕУ не гласаат или одобруваат.
Од СДСМ повторно испратија повик до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да дадат поддршка за уставните измени и со тоа да покажат дека се грижат за интересите на државата и за европската агенда. Според нив, се задржува примарната уставотворност на македонскиот народ и се става крај на тезата за „еден народ две држави“. „Исполнети се условите кои ги постави Мицкоски за да ги поддржи уставните измени“, сметаат социјалдемократите. Првата пленарка за уставните измени е за помалку од две недели. Закажана е за 18-ти август.
Мартин Пушевски
