Се стабилизира состојбата во БиХ и Хрватска, започнува санација на штетите

21.05.2014 09:57

Нивото на водата опаѓа, во моментот најголем проблем со кои се соочуваат жителите се свлечиштата, неексплодираните мини и можноста од појава на заразни болести...

Стабилизирана состојбата по поплавите кои ги зафатија Босна и Херцеговина и Хрватска. Според првичните проценки над 1,36 милиони луѓе во Босна и Херцеговина се погодени од невремето. Се сумираат и податоците за материјалната штета.

Нивото на водата опаѓа, во моментот најголем проблем со кои се соочуваат жителите се свлечиштата, неексплодираните мини и можноста од појава на заразни болести. Во Сребреница се активирале над 100 свлечишта, кои сериозно ги оштетиле автопатиштата.

Во Оџаци над 7.000 луѓе се без вода за пиење. Властите со предупредување до граѓаните да бидат внимателни при санацијата поради опасност од некативираните мини оспобено по течението на реките Босна, Усор и Кривје.

Според претседателството на БиХ, без меѓународна помош земјата нема да биде во состојба да ги отстрани штетите.

Советот на министрите на вонредна седница побара да се забрза распределувањето на помошта која доаѓа од странство и изработување на сеопфатен план за санација. Војската и локалното население во акција да се санираат штетите. 

И во Хрватска состојбата е под контрола. Нивото на водата е во фаза на опаѓање, се санираат штетите. Луѓето од цела Хрватска  во помош на настраданите.

„Баравме да се донираат основни работи, вода и храна за бебиња, тоа во моментот ни е најнеопходно... Не ни можеме да замислиме колку им е тешко на луѓето кои се загрозени, затоа дониравме во знак на сочуство за трагедијата која се случи“, велат граѓаните кои донираат за помош на настраданите од поплавите.

На вчерашната седница на Владата е прогласена катастрофа на територијата на Вуковарско-сремската жупанија од каде што се евакуирани над 4.000 луѓе.


Марија Петковска