Македонија

За 43% намален криминалот во Битола во однос на минатата година

05.08.2023 12:43

Најновите податоци на СВР Битола бележат драстично намалување на вкупниот криминал за дури 43% во првата половина оваа година, споредено со истиот период лани. Бројот на пријави за тешки кражби заклучно со јули, изнесува 151, што е за 351 тешка кражба помалку споредено со истиот период во 2022-ра…

Битолската полиција се пофали со добри резултати во работењето. Статистиката на МВР покажува дека бројот на тешки кражби е намален за 43% споредено со лани. Оттаму велат дека е ова резултат на низата преземени мерки и активности, што резултирало со ефикасност од 47% во делот на откривањето на сторителите на кривични дела.

Но, не сите граѓани го делат ваквото мислење. Има и такви кои не се чувствуваат безбедно во градот. Други, пак, потврдуваат дека криминалот е намален.

„Зависи кој како, јас се чувствувам безбедно.“

„Да, се чувствувам безбедно, мислам дека е намален криминалот.“

„Гледаме и по социјалните мрежи и по телевизии дека секој ден има, дали кражба дали некое разбојништво се случува во градот, така да не сум баш сигурен дека е намален.“

„Не чувствуваме некоја несигурност, добро е“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Полицијата продолжува со превентивните активности во рамки на кампањата „Безбедно лето“. Од СВР Битола до крајот на годинава очекуваат уште подобри резултати во борбата со криминалот и подигнување на безбедноста на граѓаните.

Александра Максимовска