Македонија

Борба со огнените стихии, спас се гледа во дождот

05.08.2023 14:46

Пламените јазици се активираат и гаснат – во светиниколско и Дојран испратени хеликоптери да интервенираат од воздух, во демирхисарко Сопотница активиран ер-тракторот. Локализирани пожарите во штипско и липковско. По топлото време, пороен дожд со силен ветер и грмежи…

Едни се локализираат и гаснат, други се појавуваат. Тешка битка со пожарите на земјава. Само што беа ставени под контрола пламените јазици во штипско и липковско, нов предизвик во светиниколско кај Кривчева река, каде што беше зафатена сува трева и ниска вегетација, а поради близината на викендичките и куќите беа испратени два полициски хеликоптери да гасат од воздух.

Пожарникарите во штипско останаа на терен да ја следат ситуацијата. Таму е опожарена нискостеблеста шума и сува трева како резултат на палење стрништа по жетвата.

Дождовите треба да им ја олеснат работата на пожарникарите во следниве денови, велат од ЦУК.

Само во петокот низ земјава имало 29 пожари на отворено.

Ана Јосифовска-Тодоровска