ЕВРОПА

Ситуацијата со поплавите во Словенија и натаму тешка

05.08.2023 14:57

Словенија остави тешка ноќ зад себе. Неколку места останаа отсечени по големите поплави што ја зафатија земјата. Заседаваа Советот за национална безбедност и Владата - се очекуваат рекордни штети, Љубљана ќе бара меѓународна помош...

Вонредна седница на Советот за национална безбедност поради смртоносното невреме во Словенија. Поројните дождови предизвикаа поплави поради кои беше спроведена итна евакуација на населението. Повеќе места се отсечени поради свлечишта и поплавени патишта и мостови. Во земјата е прогласена црвена тревога. Количеството на дожд кое падна во изминатите 24 часа е еднакво на она што досега беше мерено во еден месец, предупредија надлежните за животна средина.

„Ова се рекордни поплави. Ги надминуваат оние што ги имавме по независноста во 1991 година. Размерот е катастрофален. Не одете надвор, не се шетајте на отворено, особено додека не направиме поправки. Така се изложувате себеси, но и спасувачките тимови на опасност“, изјави Роберт Голоб, премиер на Словенија.

И натаму е критично во северниот, северозападниот и централниот дел на Словенија. Штетата се проценува како најголемата досега во историјата на земјата предизвикана од елементарна непогода. Љубљана ќе користи помош од европскиот механизам. Според надлежните од електраната „Кршко“, работата на централата не е загрозена од приливот на реката Сава.

„Подготвени сме да бегаме, не спакувавме ништо, само што завршивме со ручекот. Се надевавме дека ќе помине.“

„Нè изненади околу 3-4 часот, иако сме на вториот кат, никогаш не се знае што ќе се случи ако се излеат реките.“

„Ни кажаа да се тргнеме настрана зашто постоеше опасност од излевање. Нè префрлија овде.“

„Ги спакувавме потребни работи и заминавме. Сакам да ги пофалам пожарникарите и цивилната заштита. Се погрижија за нас, децата се со нас. Не можеме да им кажеме колку сме им благодарни.“

„Не спиевме многу, но одмаравме на безбедно.“

Предупредувања за невреме се активирани и во делови од Србија, Хрватска и од Босна и Херцеговина.

Невреме и евакуација и во Австрија.

„Знаев дека ме евакуираат, си реков ќе останам смирен. Првин ќе обезбедам сè, па ќе одиме.“

„Екипата за спасување беше супер. Бевме исплашени. Живееме на првиот кат.“

Град и невреме и во делови од соседна Германија.

Маја С. Филдишев