Висок процент мајки ги дојат новороденчињата
Дури 80 до 90 проценти од мајките од кумановската болница ги дојат новороденчињата. Лекарите информираат дека преку обуки ги запознаваат мајките со предностите коишто ги има користењето вакво млеко. Посочуваат дека бебињата шест месеци треба да се хранат со мајчино млеко…

Се одбележува Светската недела за доење. Кумановската болница со низа активности и обуки за придобивките од доењето, предноста и користа на мајчиното млеко. Надлежните и лекарите задоволни од процентот на мајките кои ги дојат новороденчињата. Велат бројката се движи од 80 до 90 отсто.
„Обуките, предавањата почнуваат уште пред породилното време, во роса школата која функционира одлично. Акушерките ги обучуваат мајките како да се постави новороденото на гради веднаш по раѓањето. По породувањето, сестрите акушерки го продолжуваат процесот на обука“, вели д-р Александра Христова, супспецијалист неонатолог, раководител на Оддел за неонатологија во кумановската општа болница.
Мајчиното млеко појаснуваат лекарите содржи нутриенти важни за раст и развој на новороденчето. Нуди имунолошка и антимикробна заштита, обезбедува добро здравје за долг период. Со доењето велат треба да се почне половина час по раѓањето на бебето.
„Многу е важно бебињата да се хранат шест месеци со мајчино млеко, бидејќи ги содржи нутриенти и е важно бидејќи содржи раст за хормони, одбранбени клетки и агенси, важни за борбата со бактерии и вируси“, додава д-р Христова.
Светската недела на доење, која кумановската болница ќе ја одбележи и со обуки, традиционално, се одбележува од 1-ви до 7-ми август.
Елена Георгиевска
