Инфраструктура

Продолжен рокот за завршување на реконструкцијата на регионалниот пат Велес-Градско

06.08.2023 10:31

Изведувачот бил воведен во работа на 30-ти август лани, а рокот за изведба на градежните работи од девет месеци истече на 30-ти мај годинава. Должината на трасата која се обновува е 22 километри...

Рокот за реконструкција на регионалниот пат Велес-Градско е пролонгиран до 30 ноември годинава. Изведувачот бил воведен во работа на 30-ти август лани, а рокот за изведба на градежните работи од девет месеци истече на 30-ти мај годинава. Должината на трасата која се обновува е 22 километри.

„Поради непредвидени и дополнителни работи на патната делница рокот на завршување на работите е продолжен за шест месеци или до 30-ти ноември 2023-та година. Асфалтирани се 12 километри прв слој на асфалт и шест километри втор завршен слој на асфалт“-соопштија од ЈПДП.

Вредноста на работите е 347 милиони денари, обезбедени со заем од Европската Банка за обнова и развој, а изведувачи на работите се градежните фирми „ХИДРОСТРОЈ“ и „ЕСКАВАТОРИ“. Поради високите температури се работи од 7 до 11 часот, потоа не се врши асфалтирање. Градежни активности не се одвиваат во недела.

Последните 10 километри од делницата уште се земјен пат. Алтернатива за патување на регионалниот пат Велес-Градско е автопатот, каде има наплатна рампа и жителите од населените места до Градско мора да плаќаат патарина.

Петар Печков