Србија: Водите се повлекуваат, опасноста сеуште демнее
Во Белградскиот прифатен центар се сместени близу 600 лица. Покрај материјалната помош клучен фактор е и писхолошката поддршка во која посебна улога имаат белградските актери...

Во Србија од денеска тридневна жалост за настраданите во поплавите. Водите се повлекуваат, но опасноста и натаму демнее. Надлежните ги санираат последиците. Српската влада најавува в петок или сабота укинување на вонредната состојба.
Во Белградскиот прифатен центар се сместени близу 600 лица. Покрај материјалната помош клучен фактор е и писхолошката поддршка во која посебна улога имаат белградските актери.
Репортерот на МРТ кој известува од Белград, Зоран Богатинов, во прифатниот центар во Белград разговараше со актерот Светислав Гонциќ.
„И спонтано и организациски добивме задача од градот да се вклучиме во помошта. Животот ги игра своите најголеми драми, а ние сме пред се луѓе такашто ќе помогнеме. Особено на децата на кои им е неопходно опуштање од овој вид стрес. Сите градски театри се ангажирани во помошта во прифатните центри кои ги има десетици и десетици на кои ова ослободување од стресот им е потребно. Затоа и се вклучивме. Се разбира помошта е и материјална, освен оваа психолошката“, изјави познатиот актер за МРТ.
На прашањето на репортерот на МРТ, колку на Србија ќе и е потребна изградбата на деловите кои се поплавени, Гонциќ вели дека тој дел на вклучување ќе настапи подоцна. Во моментов се размислува за непосредни проблеми кои се однесуваат на хигиената, на пример.
„Потребно е да се спречат многу работи пред се превентивно. Сигурен сум дека и тука ќе се вклучиме во оваа помош во сите гратчиња или села. Само како и што нагласивте во прашањето ова нема да се реши за неколку дена, ова ќе потрае. Еден човек сега ми рече ’Јас би сакал да се вратам дома- мојата куќа веќе не е поплавена’. А каде да се врати? Вие веќе немате инфраструктура, не постои веќе социоекономска рамка. Тој мора да чека за да се обезбеди најпрвин струја и вода за еден нормален живот. Такашто до таа фаза се ќе потрае“, вели Гонциќ.
Познатиот актер смета дека поддршката која во моментов им се дава на луѓето во прифатните центри е наважна.
„Во првите два дена фокусот беше на спасувањето. И сега веќе се размислува за она што се случило. Тоа страшно оптоварува и освен нашата помош која е пред се психолошка, да ги опуштиме луѓето сигурно ќе биде потребна и помош од оние кои многу повеќе знаат за тоа професионално, и многу други организации се ангажирани, како Педагошкиот Факултет, но многу други организации. Ова е огромна трагедија“, нагласува Гонциќ.
